Жалбите, како корисна “алатка“ за економските оператори!
Дали знаевте дека согласно новиот закон за јавни набавки,жалбите Ви се исклучително корисна “алатка“ за Вас како економски оператор ?
Еве неколку причини зошто:
ПРИЧИНА 1 : Надоместокот за водење на правната постапка во јавните набавки е двојно понизок од претходно !
Имено, согласно член 165 став 1 од Законот за јавни набавки (Службен весник 24/2019) надоместокот за водење на постапката зависи од висината на Вашата понуда, и тоа:
- За понуда до 10.000 евра во денарска противвредност, надоместокот е 50 евра во денарска противвредност,
- За понуда од 10.000 до 70.000 евра во денарска противвредност, надоместокот е 100 евра во денарска противвредност,
- За понуда од 70.000 до 130.000 евра во денарска противвредност, надоместокот е 150 евра во денарска противвредност или
- За понуда над 130.000 евра во денарска противвредност, надоместокот е 200 евра во денарска противвредност.
Оваа законска новина Ви дава можност да како економски оператор без поголеми финансиски потешкотии изјавите жалба по јавна набавка. Иако, по секоја “успешно“ одлучена жалба, овој надомест Ви се “рефундира“, сепак ова сигурно повеќе ќе Ве мотивира да ја употребувате оваа можност.
ПРИЧИНА 2: Жалбените основи се повеќе насочени кон економските оператори !
Овој закон има за цел да ги мотивира економските оператори да ја употребуваат правната заштита во процесот на јавни набавки, меѓу другото и како превентивна мерка за спречување на корупција. Имено, покрај правната заштита и управната контрола е во насока на превенција од потенцијални злоупотреби.
Насоченоста на правната заштита кон економските оператори може да се согледа и преку тоа што истата за разлика од претхотдно, зависи од видот на постапката за доделување на договор за јавна набавка. Па така, доколку Вие како економски оператор сакате да остварите правна заштита, тоа можете да го направите во различна фаза од постапката во зависност од тоа дали се работи за отворена постапка, ограничена постапка или постапка со преговарање.
На ваков начин, Ви се даваат повеќе можности кои во суштина зависат од спецификата на постапката за јавна набавка од аспект на нејзиниот вид.
Па така, секој “паметно“ искористен жалбен основ, значи поголема можност за Ваша успешност во процесот на јавни набавки.
ПРИЧИНА 3: Извршувањето на договорот сега е обврска на договорниот орган, па така и секоја негова измена дава можност за правна заштита !
За разлика од претходното законско решение кое не беше насочено кон извршувањето на договорот, ова законско решение настојува да ги мотивира економските оператори да преку податоците од договорните органи за квалитетното и навремено извршување на договорот, бидат запознаени за не/професионалноста на нивните конкуренти. Имено, преку задолжителната законска обврска за следење на реализацијата на договорите за јавни набавки, сега договорните органи имаат нови обврски за известување во врска со извршувањето на договорот.
На таков начин, на Вас како економски оператори, Ви се дава можност доколку утврдите одредени суштински отстапувања во извршувањето на договорите, од оние кои биле барани како критериуми и услови во тендерската документација, да ја употребите правна заштита.
Не ја заборавајте оваа “алатка“, која може да биде исклучително корисна за Вашата компанија.
ПРИЧИНА 4 : Дури и несоодветното одговарање на Вашите прашања или барања за појаснување или барања за измени на тендерската документација, се правен основ за изјавување жалба !
Сигурно, знаете дека во досегашната праксата за јавни набавки голем број договорни органи ги “игнорираа“ Вашите прашања или барања за измени на критериумите или условите во тендерската документација. Тоа повеќе не треба да биде пракса !
Имено, новиот закон Ви дава можност по однос на ова дејствие, да изјавите жалба со цел да добиете соодветно образложение од договорниот орган за неговото прифаќање или неприфаќање на Вашите прашања или барања.
Затоа Ве мотивираме, секогаш кога ќе имате потреба, употребувајте ги прашањата и барањата за измени на тендерските документации, на стручен и професионален начин и прилагодени кон природата на предметот на набавка.
Со сигурност ефектот од оваа “алатка“ ќе биде позитивен за Вашата компанија.
ПРИЧИНА 5 : Дури и во случај на склучување договор без претходно спроведување постапка за јавна набавка имате право на жалба !
Доколку располагате со податокот дека од страна на договорен орган е доделен договор за јавна набавка без претходно спроведување постапка за јавна набавка, во рок од 60 дена од сознанието за таквиот договор или не подолго од истекот на рокот од шест месеци од денот на склучување на договорот, имате право на жалба по однос на истиот.
На овој начин, законот Ви дава прилично широка можност за правна заштита која треба да произлезе како резултат на зголемната транспарентност на системот за јавни набавки во целина, која се обезбедува со овој закон.
Конечно, жалбите можат да бидат исклучително корисна “алатка“ за Вас како економски оператор со која ќе ја подобрите успешноста на Вашата компанија во процесот на јавни набавки, како и ќе влијаете на зголемување на транспарентноста, конкурентноста, економичноста, ефективноста и ефикасноста на системот за јавни набавки во целина.
Со почит,
д-р Ненад Николовски
Консултант за јавни набавки
Друштво за консалтинг и услуги СМАРТ КОНСАЛТИНГ СОЛУШНС Скопје
Leave a Reply